Пет пати помалку Општина Карпош потрошила во изминатите четири години во споредба со 2012 година, по основ на гориво, репрезентација, оперативни расходи, канцелариско работење и телефони. Овој заклучок, денеска  го изгласаа советниците на шеесет и петтата седница на Советот на Општина Карпош.

Градоначалникот на Општината Стевчо Јакимовски, детално пред советниците ги образложи трошоците кои локалната самоуправа ги имала во изминатите четири години по однос на наведените ставки. Првиот човек на Општина Карпош нагласи дека тоа е резултат на ефикасното, домаќинско и штедливо работење на општинската администрација и раководството на Општината. На оваа седница, советниците одобрија финансиски средства за замена на стар со нов лифт во колективен станбен објект на бул. Партизански одреди бр. 59 влез 4, како и поставување на нов лифт во колективен станбен објект на бул. Партизански одреди бр. 117/ 2. Исто така, нов лифт ќе биде поставен  во зграда на ул. Никола Русински 10/2. Советниците „дадоа виза“ за финансирање на спортски клубови од подрачјето на Општина Карпош. На оваа седница помина и Заклучокот за усвојување на Иницијатива за изготвување на  Локален акционен план за животна средина (ЛЕАП) на Општина Карпош, и одлука за формирање на Локален комитет за проектот „Развивање на ЛЕАП за Општина Карпош“. Советниците на денешната седница го одобрија и барањето за изградба на приватна детска градинка „Британска детска академија“ на територијата на локалната самоуправа.