Општина Карпош и здружението на граѓани  „Центар за едукација и менаџмент во спортот склучија Меморандум за соработка, во областа на промоција на спортот во Општината како и едукација на младите спортисти.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека локалната самоуправа е посветена на враќање на спортскиот дух во Карпош и идентификација на младите таленти .

 

–                    Постои вистински ентузијазам за системски пристап кон спортот на локално ниво.  Поддршката од Општината ќе биде неселективна и правилно распределена за сите клубови, поединци и училишта. Карпош има активни училишни лиги во фудбал, кошарка, одбојка и ракомет кои претставуваат одлична основа за нови проекти и надградба на талентот на учениците, рече Богоев.

 

Претседателот на Центарот за едукација и менаџмент во спортот (ЦЕМС), Бојан Захариев изрази големо задоволство од можноста за соработка со Општина Карпош, која е трета општина во Град Скопје што потпишала Меморандум за соработка со ЦЕМС. Целта е преку оваа соработка е да се зголеми интересот и масовноста на училишниот спорт и да им се даде патоказ на младите за нивен вистински напредок и развој.

Меморандумот предвидува и преземање на активности за подобрување на дел од спортската инфраструктура во Општината, стручна едукација за учениците и спортските работници, како и вмрежување со други институции и организации кои работат на подобрување на состојбите во спортот.

Инаку, Општина Карпош веќе е во подготвителна фаза за изградба на еден реонски базен, како и формирање на нова, современа фитнес зона во Карпош 4. Станува збор за инфраструктурни објекти кои ќе може да ги користат и учениците од основните училишта, а рекреативно и сите граѓани на Карпош.