Карпош го прослави 43 – от роденден

„Среќен сум што од 43-тиот роденден на Општина Карпош, можам да соопштам дека „Партизан“ се враќа во наше владение. Во прашање се денови на доделување и завршување на сите формално правни процедури.

Ова е победа на урбаното и модерното! Победа на традицијата! Победа на спортот!

Победа за „Партизан“, како препознатлив бренд на Карпош и на Градот Скопје“, рече градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев на мултимедијалниот настан со којшто се одбележа 43 годишнината од основањето на Карпош.

 

Под мотото „43 години со љубов за Карпош“, во Кинотека на С. Македонија беа изведени повеќе перформанси кои го симболизираат секојдневието на локалната самоуправа.

Секојдневното функционирање на Општината, она што досега е сторено и на што се работи, беше презентирано со видео спот, за потоа,  карпошовите таленти со своите настапи да ја збогатиат програмата и  да му  дадат посебен дух на чествувањето на празникот на Карпош. Присутните гости беа воодушевени од оригиналноста на изведбите на монодрамата за превенција од булинг во училиштата на Сара Милевска, перформансот на знаковниот јазик на Сара Крстевска кон своето глувонемо другарче, како и од победникот од шоуто „Карпош има талент“, Евгениј Дучевски кој со сопствена интерпретација го претстави популарниот Мајкл Џексон.

На овој пригоден настан беа доделени и стипендиите за  талентирани ученици. На 33 основци, претседателот на Советот, Андреј Манолев им ги врачи пофалниците и им посака успех во понатамошниот тек од образованието.

Во своето обраќање Манолев се осврна на работата на Советот во изминатите две години, осврнувајќи се на инвестициите во детската заштита, отворањето на новите градинки и дузина други одлуки битни за граѓаните кои беа изгласани на него, од страна на сите советници.

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев на почетокот на своето обраќање, ги „предизвика“ сите присутни, да ги земат картичките од своите места, (кои патем беа расад за растение „пркос“) и истите да ги засадат во околината на своето живеење.  Со тоа, преку сопствен пример тие треба да покажат грижа и придонес во заштитата на животната средина.

 

Меѓудругото, Богоев говореше за неговата поврзаност со Карпош, главните белези и предизвици на една од најурбаните општини во Градот Скопје.

„Одбележуваме 43 години на општината која е симбол на светската солидарност, збир од различни националности кои функционираат како едно ткиво.

Оваа општина е дом на голем број интелектуалци, професори, доктори, спортисти, режисери, глумци, музичари, уметници, писатели… Покрај тоа што имаме најголем број на државни и приватни образовни установи на наша територија, слободно можам да кажам дека Карпош е дом на едни од најдобрите наши амбасадори од сите сфери на живеење во светот! Тука слободната мисла никогаш не била доведена во прашање! Ви благодарам што преку своите дела и творби, го афирмирате Карпош, Скопје и Македонија во вистинско светло“, посочи Богоев.

 

Говорејќи за главните симболи на Карпош, тој напомена дека во финална фаза е враќањето на спортската сала „Партизан“ во владение на Општина Карпош.

 

„Искрено се надевам дека „Партизан“ ќе биде споменик на новото време. Тоа е повеќе од спортска сала и објект. Со неговата возобнова ќе го вратиме обележјето на една цела генерација на карпошани кои годиниве стравуваа дека и „Партизан“ ќе настрада од насилната урбанизација. Верувам дека секој треба да остави свој печат во своето работење. По завршување на мојот мандат, се надевам дека „Партизан“ и паркот долж Вардар ќе бидат главни обележја на овој период“, заврши Богоев.

 

На мултимедијалниот настан во Кинотека присуствуваа и членови на Владата, министерката за одбрана и заменик претседател на Владата Радмила Шекеринска,  министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, како и претставници од други институции: директорот на СОЗР Пеце Мирчески и директорот на ЈП Водовод и канализација, Душко Весковски, поранешниот градоначалник на Општина Карпош Андреј Петров, како и претставници од невладиниот сектор, меѓу кои „Културно Ехо“. На настанот присуствуваа и актуелните советници и претставници на воспитно – образовни установи од Карпош.