Денеска се одржа педесет и седмата седница на Советот на Општина Карпош. На седницата советниците расправаа по 30 предлог точки. Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на екологијата и енергетската ефикасност, како и програмата во областа на развојот на Општината за 2017 година, беа усвоени без дискусија од страна на советниците.

Исто така советнциите ги усвоија програмите во областа на спортот, детската социјалната и здравствената заштита, како и за образованието и информатичката технологија за идната 2017 година. Спортскиот новинат Ивко Панговски и диригентот Фимчо Муратовски се годинашните прогласени заслужни граѓани на Општина Карпош. На оваа седница се донесе и буџетот на локалната самоуправа. Градоначалникот на Општина Карпош  Стевчо Јакимовски , истакна дека оваа 2016 година Општината инкасирала најмногу буџетски средства, а со тоа реализирала и најголем број на проекти. 

–                    Морам да напоменам дека Општина Карпош во континуитет се вбројува во првите три општини во Република Македонија по бројот на реализирани проекти. Веќе во наредната година, некои урбани заедници на територијата на Општина Карпош ќе немаат барање за решавање на проблеми од локален карактер, бидејќи сите проблеми како локална самоуправа сме им ги решиле, нагласи првиот човек на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. 

Општинскиот татко Јакимовски истакна дека Општина Карпош континуирано вложува во реконструкција на фасади, покриви и лифтови, изградба на паркови и плоштади, како и реконструкција и изградба на нови градинки и училишта, со што го стекнала приматот на најпосакувано место за живеење на граѓаните.