Третоодделенците од ООУ „Јан Амос Коменски“ денеска го посетија градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, како дел од практичната настава во рамки на предметот Општество.

Во оваа пригода, првиот човек на општината одговараше на прашањата на учениците и детално им образложи како функционира локалната самоуправа, кои се надлежностите на Советот, какви решенија презема тој за решавање на проблемите на своите сограѓани и на кој начин општинските служби можат да ја унапредат животната средина во која живеат карпошани.

Во непосреден разговор, Јакимовски им напомена на основците дека тие треба да бидат фокусирани и постојано да стекнуваат нови знаења, да спортуваат и вредно да работат, а за возврат Општина Карпош дополнително ќе ги  мотивира преку училишни стипендии, наменети за талентираните ученици и спортисти.