Во организација на одделението за култура и спорт од Општина Карпош, денеска, на спортското игралиште на ФК Алумина  во Карпош 3 се одржаа вторите по ред спортски детски забавни игри. Четврто и петтоодделенците од сите 10 основни училишта во Карпош, направија училишни тимови од 16 основци во една мешана екипа, (осум момчиња и осум девојчиња) и заедно спортуваа и се рекреираа во пет различни фискултурни вежби.

 
Распоредени во пет „станици“ на фудбалскиот терен, учениците учествуваа во групните штафетни забавни игри кои дозволуваа играње со нога и рака на голови, игри со рака – топка по земја,  игри со рака – гол со поставување на топка на линијата и игри со рака – постигнување гол со глава. Локалната самоуправа ги организира овие игри со цел, да го поттикне психо – физичкиот развој кај малите ученици, притоа развивајќи го спортскиот дух и мотивот за  соработка и другарување.