Во финалниот меч на меѓуопштинскиот натпревар во одбојка за девојчиња кој се одигра денеска во С.Ц „Форца“ по повод одбележување на 46. годишнината од основање на Општина Карпош, училишната екипа на Општина Аеродром со победа во два сета го совлада тимот на домаќините и го освои првото место. Во првиот сет, аеродромки беа убедливи и со резултат од 25:13 во своја корист, дојдоа на чекор до победата. Вториот сет, сепак понуди поголема неизвеснот каде карпошанки ги консолидираа своите редови и во еден момент го израмнија резултатот (18:18). Сепак, поголемата концентрација и добрата игра на мрежа го доведе училишниот тим од Аеродром до конечна победа (25:21).

 

Во борбата за третата позиција, основките од Општина Кисела Вода во два сета (25:22) и (25:16), ги совладаа своите сопернички од Општина Гази Баба и заслужено го зазедоа „бронзеното“ место. Во оваа пригода, претставниците од Одделението за култура и спорт при Општина Карпош, им ги доделија победничките пехари и дипломи, на трите најдобро пласирани екипи во одбојка.