Со стартот на новата училишна година, детската установа „Орце Николов“ во населбата Карпош 3, доби целосно реконструирана кујна. За помалку од еден месец, завршија реконструкциските зафати во кујната на главниот објект на оваа градинка, со што се направи целосно обновување на плочките, беше заменета водоводната мрежа, се набавија нови елементи за во кујната, и е поставено ново осветлување.

Во најстарата градинка во државата, кујната се реконструираше за прв пат после половина век. Во посета на градинката беше и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, кој изрази задоволство од реновирањето. Како што нагласи и директорката на „Орце Николов“ Надица Гировска, освен инфраструктурните услови на градинката, кои се приоритетни за воспитно-образовниот процес на најмалите карпошани, градинката во дневното мени на исхрана има воведено највисоки стандарди.

– Веќе исклучиво користиме интегрален леб и житарки, се повеќе употребуваме свежо овошје и зеленчук во нашето мени, односно ги задоволуваме сите предвидени стандарди за здрава храна. Ќе нагласам дека и ужинката која им ја даваме на нашите дечиња, се приготвува во нашата кујна, потенцираше директорката Гировска.

Освен преостанатите два објекти на градинката „Орце Николов“, кои се наоѓаат во населбите Карпош 2 и Карпош 4, од кујната на градинката се снабдуваат со храна и други две приватни градинки, односно околу 600 дечиња се хранат по стандардите на здрава исхрана, приготвена од кујната на оваа градинка.