Од утре, 23 јуни 2022 година, стартува процесот на субвенционирање на млади лица од општина Карпош за обука на теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола од Б категорија.

Започнувајќи од оваа година, за прв пат локалната самоуправа воведува новина со која младите лица кои живеат во Карпош се поттикнуваат да полагаат за возачка дозвола. За оваа намена Општината  обезбеди финансиска конструкција во висина од 4.000.000 денари. Право на пријавување имаат сите физички лица кои живеат на територија на општина Карпош,  кои во оваа 2022 година наполниле 18 години.   Јавниот повик ќе трае сé до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена, кој ќе функционира според принципот „прв дојден, прв услужен“.

 

Критериуми:

 

  1. Секое лице кое ќе поднесе барање за субвенционирање на стручен дел од возачка дозвола мора да е жител на општина Карпош, најмалку три години до денот на поднесување на барањето.

Тоа значи дека покрај апликацијата, со копија од личната карта апликантот  ќе мора да достави копии од личните карти на своите родители. Доколку станува збор за деца со разведени родители, едниот родител треба да живее на територија на Карпош. Во овој случај, локалната самоуправа преку месните заедници ќе провери дали тоа лице (апликант) навистина живее во општина Карпош или пак живее кај другиот родител, кој не е жител  на  Карпош.

  1. Ќе се субвенционираат само оние лица кои ќе извршат уплата и ќе посетат обука (теоретски и практичен дел) за полагање на Б возачка категорија во автошкола избрана преку јавниот повик. Притоа, избрани се седум автошколи: СМАРТ ДООЕЛ, Мобилити плус, Боби М, Сигурност ГТБ, Софи скул, Тримоски ДООЕЛ и Шкорпион Едукација Скопје.
  2. Лицето кое ќе аплицира за субвенција треба да приложи лекарско уверение.

Субвенционирањето ќе изнесува 50% од сумата која се наплатува за посетување на обука и истиот е утврден како минимална цена по правилникот за минимална цена.

 

Потребна документација:

  • I фаза:

 

  1. Барање за издавање на потврда за исполнување на услови за субвенционирање – се подигнува од архивата на Општина Карпош на ул. Радика 9 или на веб страницата на Општината.
  2. Копија од лична карта како доказ за жителство и година на раѓање.

 

  1. Копија од личните карти на двајцата родители како доказ дека живеат минимум три години на територија на општина Карпош.

 

  • II фаза:

 

  1. Барањето за субвенционирање на 50% од вкупниот износ за теренска и практична обука по добивање на потврда за исполнети критериуми.
  2. Да се достави оригинална фискална сметка за уплата на теоретски и практична обука во автошкола
  3. Копија од трансакциска сметка на која ќе бидат префрлени средствата.

 

Барањата за субвенционирање ќе се доставуваат до архивата на Општина Карпош. По поднесувањето на документите, подносителите ќе бидат известени во писмена форма дали ќе бидат корисници на предвидените средства за субвенционирање на млади лица од општина Карпош..

За сите дополнителни информации, заинтересираните  можат да се обратат кај координаторот на проектот,  Никола Димовски, на телефонскиот број 076/ 299 – 175.