Советот на Општина Карпош едногласно донесе одлука да се доделат финансиски средства од по 500.000 денари за двете настрадани држави. Покрај тоа, сите советници одлучија да издвојат по 10% од својот паушал, како и градоначалникот од својата плата.

Овие одлуки беа донесени на денешната вонредна седница свикана на барање на советничката група Левица, едногласно поддржана од сите советнички групи, со цел да се испрати помош на настраданите во Република Турција и Арапската Република Сирија. Во исто време солидарност покажаа и вработените во општина Карпош, кои што ќе издвојат дел од својата плата.

            –  Овие средства ќе бидат уплатени на посебна жиро сметка за солидарен фонд и во исто време ги повикуваме и правиме иницијатива до сите физички и правни лица на територија на општина Карпош да донираат средства на оваа отворена сметка се со цел да помогнеме на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија, изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски по завршувањето на вонредната седница.

Јакимовски потенцираше дека Карпош е подигнат од светската солидарност по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и во исто време упати апел до светските лидери да се отстрани блокадата за хуманитарна помош кон Сирија за да може да се испрати помош до настраданите.

– Карпош не заборава дека е подигнат и се развивал на светската солидарност во кој што сите бараки и сите руски згради, поликлиниката Букурешт, и други објекти се изградени од средствата на светската солидарност. Во исто време сакам  да упатам апел до сите земји во светот да се тргне блокадата за хуманитарна помош кон Арапската Република Сирија. Режимот во Сирија е едно, страдањата и маките на граѓаните, на дечињата во Сирија се нешто сосема друго. Треба да бидат изземени од санкциите. Инсистираме да се овозможи оваа хуманитарна помош и за Арапската Република Сирија затоа што во вакви катастрофални состојби светската солидарност треба да биде на висина. Само да потсетам, кога беше земјотресот во Скопје, многу средства тогаш пристигнаа од западниот капиталистички свет иако Југославија тогаш беше социјалистичка држава и знаете како постоеше поделба по тој основ. Аналогно на тоа, исто така сметаме дека средства треба да се упатуваат и за настраданите во Арапската Република Сирија, нагласи Јакимовски.