​На свечен начин, преку централна манифестација која вчеравечер се одржа во хотелот Александар Палас, Општина Карпош ја одбележа 50 годишнината од своето основање. На гала вечерта присуствуваа градоначалникот Сотир Лукровски, членови на Советот, претставници од општинската администрација, видни личности од општествено – политичкиот живот во Македонија, претставници на дипломатскиот кор, културно – уметнички и спортски работници, претставници од медиумите, како и претставници од збратимените општини, Травник (БиХ), Стари Град Сараево (БиХ), Врњачка Бања (Србија), Тиват (Црна Гора) и претставници од пријателските општини Живинице (БиХ), и Витина (Косово).

​Во рамки на настанот кој беше збогатен со настапот на еминентни изведувачи од македонската културно – уметничка сцена, пред присутните се обрати првиот човек на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода им посака топло добредојде на бројните гости. – Ми претставува особена чест што сте вечерва тука, заедно да го прославиме овој наш убав 50 годишен јубилеј. Бидејќи Општина Карпош ги поврзува луѓето и има капацитет да иницира, да создава содржини кои оставаат трага во заедницата.

Нашата амбиција е таа традиција да ја продолжиме и надградиме. Затоа, Општината ќе продолжи да ги поддржува креативните идеи, да ги охрабрува локалните иницијативи и да создава простор за сите граѓани да бидат дел од одлуките што го обликуваат нивното секојдневие – истакна Лукровски. ​Градоначалникот Лукровски низ обраќање им оддаде признание и на сите поранешни градоначалници, советници и општински работници, кои оставиле дел од сопствената енергија, знаење и живот за развојот на Карпош.

​По повод 50 годишниот јубилеј, Лукровски им ги додели Признанијата на Бригадата за противпожарна заштита – пункт Тафталиџе, на ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ – итна медицинска помош и на Полициската станица од општа надлежност – Карпош, за нивната долгогодишна соработка и партнерство, во интерес на граѓаните на општина Карпош. ​Оттука, градоначалникот Лукровски им врачи награди и на тројца истакнати работници, кои со својот ангажман дале особен придонес за жителите на локалната заедница.

Имено, награда доби Тоде Саздов, кој е истакнат пожарникар од Противпожарната бригада – пункт Тафталиџе. Саздов ја доби оваа награда за неговиот исклучителен придонес во заштитата и спасувањето на животот и здравјето на граѓаните, нивниот имот и животната средина, справувањето со пожари и други елементарни непогоди и несреќи, како и за покажаната пожртвуваност, храброст и професионалност при извршувањето на работните задачи. ​Лукровски му врачи награда на пензионираниот проф. д-р Василаки Карабашев, за неговиот исклучителен придонес во заштитата и унапредувањето на животот и здравјето на граѓаните, укажувањето итна медицинска помош, навременото и професионално постапување во итни медицински состојби, како и за покажаната хуманост, пожртвуваност, стручност и професионалност при извршувањето на работните задачи.

Општинскиот татко му врачи награда и на полицискиот службеник од ПС Карпош, Филип Мирчевски, за неговиот придонес во непречено обезбедување на јавен ред и мир, заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречување во вршење криминални дела и прекршоци. ​Градоначалникот Сотир Лукровски ги додели и признанијата за заслужни граѓани на општина Карпош за 2026 година. По повод одбележување на петдеценискиот јубилеј, оваа година вакво признание добиваат осуммина жители на Карпош.

Во тој поглед, за заслужен граѓанин е прогласена Мирјана Василевска Ташковска, за нејзините спортски успеси, достигнувања и придонесот во развојот и афирмацијата на атлетиката. Овогодишен заслужен граѓанин е и Пантелеј Кочовски, за неговиот придонес во музичката уметност и забавната музика, како и за ангажманот во рамките на музичката група „Мањифико“. ​Ванчо Балевски е заслужен граѓанин на општина Карпош за 2026 година, за неговите значајни достигнувања во фудбалот и придонесот во афирмацијата на македонскиот спорт, а реномираниот македонски оперски пејач Благој Нацоски го доби признанието заслужен граѓанин на општина Карпош, за неговите врвни достигнувања во оперската уметност и исклучителниот придонес во меѓународната афирмација на македонската култура.

Признание за заслужен граѓанин му беше врачено и на познатиот македонски текстописец и пејач, Александар Митевски, за неговиот значаен придонес во македонското музичко творештво, развојот и афирмацијата на забавната музика, како и за неговиот придонес во збогатувањето на македонската музичка култура. ​За заслужни граѓани на општина Карпош за 2026 година, постхумно беа прогласени тројца истакнати личности од сферата на уметноста, културата и архитектурата. Станува збор за Анче Џамбазова, која го добива ова признание за нејзиниот исклучителен придонес во македонската култура и уметност, како и за трајното наследство што го остави во македонскиот културен и уметнички живот.

За заслужен граѓанин на Карпош (постхумно) е прогласен македонскиот писател Живко Чинго, за неговиот исклучителен придонес во македонската литература, драматургија и култура, како и за трајните вредности на неговото книжевно творештво. Исто така (постхумно), за заслужен граѓанин на Карпош е прогласен македонскиот архитект, писател и просветител Георги Константиновски, за неговиот значаен придонес во македонската архитектура, преку неговото творештво и остварувањата кои оставија траен белег во архитектонското наследство на земјата.

​Четири ученици и тројца наставници од ООУ „Димо Хаџи Димов“ добија благодарници за подготовка на креативно мултимедијално изненадување по повод 50 годишниот јубилеј на Општина Карпош. ​Специјално изненадување на вечерта беше прекрасниот сценски настап на дечињата од детскиот хор Златно славејче, кои во придружба на членовите на женскиот хор Фрида, предводени од легендарните Драган Спасов Дав и Александар Митевски ја испеаја песната за Карпош, како најубавата роденденска честитка за Општината.