Делегација на Општина Карпош предводена од претседателот на Советот, Сашо Лазаровски, денеска положи свежо цвеќе пред спомен бистата на  поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.

Пред спомен обележјето кое се наоѓа во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“, присутните се поклонија и му оддадоа почит на македонскиот великан, кој точно пред 13 години трагично го загуби животот во авионска несреќа во Ротимља кај Мостар (БиХ).

 

Борис Трајковски беше вториот Претседател на Република Македонија, кој ја извршуваше својата државничката функција од декември 1999, до февруари 2004 година. Кај странските дипломати беше познат како срдечен човек кој првенствено развиваше пријателски релации, кои се потпираат на меѓусебна соработка и толеранција. Меѓу својот народ важеше за  особена личност, вистински верувајќи дека Македонците со различно етничко и религиозно потекло можат да живеат и работат заедно.