Општина Карпош преку свој претставник учествуваше на Меѓународниот саем на храна и пијалоци „DETROP“ – 2016, кој се одржа на 26. февруари во Солун, (Грција).

На покана на HELEXPO (Национална Агенција за организирање саеми, конгреси и културни настани) од Солун, на меѓународната манифестација присуствуваше М-р Ирена Калајџиева Милевска – овластено лице за контрола и безбедност на храна во градинките и основните училишта на територија на општина Карпош.

Основна тема на настанот беше комбинација на квалитетот на традиционалниот и современиот начин на подготовка на медитеранската традиционална храна во Грција. Во рамки на саемот, беа претставени свежи и преработени прехранбени производи и пијалоци, кои се  автохтони за одредени региони. Доминираше молекуларната гастрономија, а истакнати готвачи презентираа како од свежи производи можат да се добијат врвни специјалитети.

На Саемот, прв пат оваа година имаше штанд со врвни македонски вина, а промотор на овој чекор напред кон пробивање на македонските стопанственици на пазарот во Грција е генералниот Конзул на Република Македонија во Солун – Г-ѓа Маја Апосотолова. Таа обезбеди неколку штандови за промоција на македонски производи и вино. Во разговорот со Г-ѓа Апостолова на која особено и беше чест што единствено Општина Карпош покажува интерес за ваков грандиозен настан, истакна дека во иднина ќе се продлабочи соработката во секој аспект.