Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев имаше работна средба со претставници од  Управата на ТЦ Сити Мол, на која стана збор за горливиот проблем околу паркирањето во овој дел на Карпош. На него, тие ги усогласија своите гледишта  и се договорија да има засилено присуство на сообраќајната полиција и пајак службите во периодот кога сообраќајниот метеж е најголем, како и за време на претстојниот “Black Friday”.

Во насока на решавање на сообраќајниот хаос, службите на Сити Мол дополнително ќе ги насочуваат возилата на вториот влез на ул. Љубљанска” кој е неодамна отворен (кај СЦ Партизан”) и на третиот влез на ул. Манапо”.

Во претстојниот период, градоначалникот Стефан Богоев и одговорните од Управата на овој шопинг центар се договорија во разговори со надлежните служби од Град Скопје  заеднички да изнајдат трајни решенија за проблемот.

Целта е трајно да се реши сообраќајниот метеж во овој дел од Општината кој најмногу ги погодува граѓаните од Карпош 3 и Карпош 4.