Основците од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ се победници на првиот училишен Куп во ракомет на Општина Карпош, откако денеска во финалето ги совладаа своите ривали од ООУ „Петар Поп Арсов“ со резултат 20:18. Првото полувреме помина во голема неизвесност, а минималната резултатска предност постојано преоѓаше од една на друга екипа. На пауза, учениците од   „Христијан Тодоровски Карпош“ заминаа со минимална предност од 11:10. Кон средината од второто полувреме ракометарите од Карпош 1 ја зајакнаа одбраната, беа поконцентрирани во нападот и успеаја да создадат комотна разлика, која им го отвори патот до победата.

 

Во борбата за третата позиција, ракометарите од ООУ „Лазо Трповски“ беа убедливи против своите соперници од ООУ „Аврам Писевски“, совладувајќи ги со резултат 15:10. На крајот, претставник од одделението за култура и спорт од Општина Карпош им го врачи победничкиот пехар на најдобро пласираната екипа, а на учесниците на финалните натпревари им додели дипломи за учество.