Минатата година, наставници од ООУ „Петар Поп Арсов“ и просветните работници од четири основни училишта од Македонија, беа дел од заедничкиот тим којшто учествуваше на кампот за медиумска писменост „Справување со дезинформации преку образование“ TechCamp Охрид 2023. Како резултат на тоа искуство, наставничкиот тим по добиениот грант ја започна реализацијата на проектот „Развивање и тестирање наставна програма за медиумска писменост“ кој го имплементира Центарот за иновации и дигитална едукација заедно со Амбасадата на САД во Македонија и тимот на TechCamp на Стејт Департментот од Вашингтон. Оттука, носители на овој проект се основните училишта „Петар Поп Арсов“ од општина Карпош, „Блаже Конески“ од Прилеп, „Христијан Тодоровски Карпош“ од с. Ранковце (Крива Паланка), „Димитар Миладинов“ од општина Центар, и „Марко Цепенков“ од општина Зелениково.

По тој повод денеска, основците од ООУ „Петар Поп Арсов“ во придружба со своите две наставнички – менторки во проектот, беа во посета кај стручните служби од Општина Карпош. Целта на оваа информативна средба беше, учениците непосредно да се запознаат со начинот на којшто функционира локалната самоуправа од аспект на медиумите, како и начинот на кој Општината комуницира со јавноста и ги информира своите сограѓани.

Инаку, Програмата за медиумска писменост во основното образование е дизајнирана да ги надгради вештините на учениците за критичко размислување и анализа на медиумските содржини, со цел да се создадат информирани и одговорни дигитални граѓани. Освен што се фокусира на разбирањето на медиумската пристрасност и техниките на убедување, програмата исто така ги поттикнува учениците да размислуваат критички за етичките аспекти на медиумската продукција и новинарството. Во таа насока, учениците ќе учат како да ги препознаваат и проверуваат фактите, да го разберат влијанието на медиумите врз јавното мислење и политиката, и да се изразуваат креативно преку дигитално раскажување приказни.

Во текот на спроведувањето на активностите ќе биде отворена и веб страна на проектот – www.nasmedium.edu.mk, каде ќе бидат поставени ресурси и добри практики за имплементација на програмата во основните училишта.