Денеска, на игралиштето во населбата Влае се одиграа финалните пресметки од училишната фудбалска лига на основните училишта во Општина Карпош. И покрај тоа што веќе од претходно се знаеше овогодинешниот првак, насобраната публика на споменатото игралиште беше сведок во динамичната и квалитетна игра на фудбалски натпревари меѓу основците од Општина Карпош. Оваа година, младите фудбалери од ООУ „Петар Поп Арсов“ го освоија шампионскиот трофеј, откако триумфираа и на последниот натпревар наспроти екипата на ООУ „Војдан Чернодрински“ со резултат 5-0. На втората позиција се пласираше ООУ „Братство“ откако во ремито со „Владо Тасевски“ крајниот исход беше 3-3. Третото место на табелата им припадна на фудбалерите од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ по победата над ООУ „Вера Циривири Трена “ со резултат 2-1 за потврда на третото место од табелата . На крајот од денешните натпревари беа доделени индивидуалните награди за најуспешните фудбалери од училишната спортска лига во фудбал. Како најсигурен меѓу стативите, беше прогласен голманот Дарио Карамачевски од ООУ „Лазо Трповски“. За најпрецизен на овие натпревари, односно како најдобар стрелец во фудбалските пресметки на карпошовите основни училишта беше прогласен Јусуф Љазими од ООУ „Братство“ со 33 постигнати голови, а од истото основно училиште признанието за најталетиран играч заврши во рацете на Ренато Амет. Така, оваа година фудбалерите на ООУ „Петар Поп Арсов“ кои беа во одлична и постојана форма во текот на целата сезона на крајот заслужено го подигнаа шампионскиот трофеј. Додека, пак, најзначајниот индивидуален пехар, односно како најдобар играч на фудбалската училишна лига 2023/2024 беше прогласен Давид Георгиевски од тимот на овогодинешните шампиони.