Кошаркарите од ООУ „Војдан Чернодрински“  ги совладаа  своите спортски ривали, учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ и на тој начин станаа нови шампиони во  рамки на училишната кошаркарска лига на Општина Карпош, 2017 година.

Екипата од „Млечен“ мотивирано влезе во денешното финале и се реваншираше на влаевчани за минатогодишниот минимален пораз во финалето.

Кошаркарскиот меч изобилуваше со бројни пресврти и промени на спортскиот семафор. Натпреварот се одликуваше со одлични кошаркарски акции и жестока борба под обрачите. Водството постојано преоѓаше од една екипа кон друга, а доминацијата под обрачите беше изедначена. Сепак, во последната четвртина, кошаркарите на „Војдан Чернодрински“, пред сé, благодарение на солидната одбрана, успеаја да ја нарушат резултатската неизвесност и ја доведоа завршницата од финалето во своја полза, со резултат 52:39.  

Во борба за бронзата, основците од „Петар Поп Арсов“ беа поубедливи од екипата од ООУ „Вера Циривири Трена“ и рутински славеа со резултат 53:25.

Општина Карпош обезбеди осуммесечни спортски стипендии, еднократна парична награда за најуспешни млади кошаркари во рамки на училишната кошаркарска лига на Карпош. Давид Наумовски од ООУ „Војдан Чернодрински“ беше прогласен за најдобар играч, позицијата најталентиран играч на овогодинешната лига ја зазема Дино Урошевиќ од ООУ „Петар Поп Арсов“, додека Бранко Шуменковски од ООУ „Димо Хаџи Димов“ се стекна со титулата најдобар стрелец.

Победничките трофеи и медали, на најдобрите кошаркари и екипи им ги врачи претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски.