Невладината организација  КАЖИ НЕ – ЛЕАД од Скопје, која е дел од меѓународната ЛЕАД организација со седиште во САД, реализираше низа активности во рамки на основното училиште „Војдан Чернодрински“, во насока на реализирање на пилот проектот за градење на т.н еластични заедници, против употреба на опојни дроги и насилство кај младите.

 

Станува збор за проект кој треба да придонесе за подигнување на свеста кај основците, за негативните последици од користење на опојни средства и наркотици, како и насилството кое е сé по присутно на социјалните мрежи. По тој повод, согласно предвидените активности беше реализирано информативно и интерактивно предавање за опасноста од опојните дроги, како и предавање за опасностите кои ги демнат младите, преку сајбер просторот со посебен осврт на сајбер силеџиство (булинг), но и за негативните ефекти од злоупотреба на личните податоци (каков што беше скандалот „Јавна соба“).

 

Во рамки на проектот, (од 2 до 16 мај)  беа спроведени ликовни и поетски активности, односно основците цртаа илустрации, смислуваа текстови и слогани и пишуваа поеми против дрогата и сајбер насилството. Во насока на создавање на здрави спортски навики, беше организиран и мал фудбалски турнир во кој учествуваа основците од „Војдан Чернодрински“. На крајот од настанот,  најуспешните ученици добија плакети за најдобри творби на ликовниот и литературниот конкурс, а градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски им го врачи победничкиот пехар на основците од 8б одделение,  кои триумфираа во финалето на фудбалскиот натпревар.