Во рамки на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (МИО), основците од „Владо Тасевски“ (Општина Карпош), остварија работна посета кај учениците од своето партнер училиште „Хасан Приштина“ од Општина Чаир. Притоа беа реализирани низа активности од забавно рекреативен карактер каде што учествуваа учениците од трето и шесто одделение, додека пак деветоодделенците организираа работилница на тема „Мојата идна професија“.

Во продолжение, двете училишта потпишаа и меморандум за продолжување на соработката, во насока на реализирање на идните МИО активности кои треба да се одвиваат помеѓу двете партнер училишта. Имено, партнерскиот однос при реализирање на овој проект трае веќе шест години, а него го предводат координаторката проф. Ангелина Костова, со поддршка од директорката на ООУ „Владо Тасевски“, м-р Викторија Кочевска, како и МИО тимот.