На специфичен начин, со организирање на ликовен и литературен конкурс на тема „Каде царува вистината, таму вирее добрината“, основците и наставниот кадар од ООУ „Владо Тасевски“, вчера одбележаа 66 години од постоење на своето училиште. Во рамки на прославата се одржаа и неколку спортски активности (игри без граници, натпревар во шах, кошарка и одбојка), а младите карпошани го покажаа својот уметнички дух приредувајќи претстава со глумење и пеење од која одекнуваа позитивни пораки, инспирирани од секојдневието во училишната средина.

Симболички беше одбележан и Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром (21. март), каде основците од Училишната заедница со поддршка на специјалниот едукатор на училиштето, образовните асистенти и учениците со посебни образовни потреби, спроведоа работилница сликајќи чорапчиња во разични бои. Соодветно на временскиот календар, учениците го одбележаа и Денот на пролетта при што изработија пеперутки и цвеќиња, кои отсега ќе го красат нивното училиште.