Во последниот натпревар од годинешната училишна фудбалска лига во Општина Карпош, фудбалерите од  ООУ „ Братство“, ги победија основците од  ООУ „ Вера Циривири Трена“ со 2:0 и  станаа шампиони  во фудбал за 2017/2018 година. На второто место на табелата се пласираа фудбалерите од  ООУ „ Војдан Чернодрински“,  додека бронзениот медал го освоија основците од ООУ „ Владо Тасевски“.  Градоначалникот на Општина Карпош Стефан  Богоев им го честиташе успехот на шампионите и им посака вакви достигнувања и во идната натпреварувачка сезона.

– Среќен  сум, што како локална самоуправа,  со нашето Одделение за култура и спорт ги организираме овие училишни спортски лиги во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка. На тој начин, вие меѓу себе се натпреварувате, надигрувате, но, пред се, другарувате. Се надевам  дека некој од вас и професионално ќе се занимава со фудбал, и  ќе направи интернационална кариера во некој светски познат фудбалски клуб, потенцираше Богоев.

 За најталентиран играч оваа сезона е прогласен  Јетмир  Исени од  ОУ „ Братство“ , додека најдобар стрелец е Георг Стојановски од ОУ „ Војдан Чернодрински“. За најдобар голман е избран Нихат Ибраими од ОУ „ Братство“, а најдобар играч е Нефаил Садики од истото училиште.