Во рамки на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, Советот на Општина Карпош заседаваше по дваесет и петти пат, каде што советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 11 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред.

Пред членовите на Советот беше детално образложен PEFA Извештајот за оценка на перформансите на јавните расходи и финансиската одговорност на Општина Карпош за периодот 2020 – 2021 година. Претставник од Здружението за финансиски работници – Велес го презентираше овој документ, кој заедно го изработија во соработка со Министерството за локална самоуправа, Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП. Инаку, оценувањето на перформансите на локалната самоуправа е дел од работната методологија од проектот „Зајакнување на Општинските совети 2“, чиј учесник е Општина Карпош.

Советниците дадоа поддршка за Урбанистичкиот проект со план за парцелација со препарцелација на градежна парцела 2.366 со ГП 2.367 од ДУП за Градска Четврт З 03. Станува збор за опфат помеѓу  бул. Партизански одреди, корито на реката Вардар, бул. Македонија и ул. Московска. Во таа насока, поддршка доби и Предлог – Одлуката за техничка исправка на ГП 3.03.2.358 во ДУП за Градска Четврт З 03 со горенаведениот опфат за плански период 2013 – 2018 година.

Советот ја разгледува и Предлог – Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за блок ССЗ 01. 10, кој е дефиниран од југ по осовината на ул. Скупи, од исток по осовината на „Бардовци – пат – Скопје, од север покрај реката Лепенец и на северо – запад се движи по осовината на ул. Скупи 14, ул С9 и ул. Скупи 22. ДУП-от е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Површината на урбаниот опфат изнесува 38.69 хектари, а опфатот на деталниот план содржи намена за домување во станбени куќи, групно домување, здравство и социјална заштита, лесна и незагадувачка индустрија, сервиси, парковско зеленило, заштитно зеленило и комунална инфраструктура. По опширна дебата, мнозинството на советници дадоа поддршка за оваа урбанистичка документација.

 

Во рамки на седницата беше разгледана и Предлог – Одлуката за проширување на средствата на Буџетот на Општина Карпош за 2023 година, со која се предлага да се изврши проширување во приходниот и расходниот дел на Буџетот. Имено, проширувањето се врши во самофинансирачките активности во програмите Н10 – Основно образование и НА – Капитални расходи во основното образование во износ од 1.830.000 денари, од причина што се обезбедени средства на приходното конто. Оттука, приходите од закупнина на објекти се наменети за исплата на тековни и капитални расходи, согласно потребните конта за основните училишта „Лазо Трповски“, „Димо Хаџи Димов“, „Јан Амос Коменски“ и „Вера Циривири Трена“. Исто така, проширување се врши и кај блок дотациите во програмата Н10 во износ од 1.815.000 денари, бидејќи се обезбедени  средства на приходното конто. Приходите и средствата од пренесениот вишок од минатите години, се наменети за исплата на електрична енергија во основните училишта. Врз основа на овие елеборирани податоци, советниците од Карпош ја изгласаа конкретнава Предлог – Одлука.

 

Во продолжение на седницата, Советот даде поддршка за измени и дополнувања на Програмата за активностите на Општина Карпош, во областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2023 година. Поточно станува збор за точката бр. 5, односно за паричната помош за секое новородено или посвоено дете која ја дава Општина Карпош. Досега во описот на точката, како  еден од условите за добивање на финансиска поддршка беше, вкупните приходи на родителите да не бидат повисоки од 37.000 денари. Со зголемувањето на минималната плата, сумата се брише и  условот за добивање на финансиска помош за новороденче или посвоено дете ќе биде, личните примања на родителите/старателите да не бидат повисоки од две минимални плати. За потсетување, Министерството за труд и социјална политика ја утврди висината на минималната плата во нето износ од 20.175 денари.

 

Пред советниците се најде и Предлог – Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на реони на основните училишта на територија на локалната самоуправа. Станува збор за Одлуката бр.09-3199/16 од 20.04.2022 година, а измените се однесуваат на членовите бр. 4, 6 и 7 од истоимената одлука. Дополнувањата се нужни оти во ООУ „Владо Тасевски“ согласно актуелната Одлука се запишуваат ученици од три урбани заедници, со што училиштето се соочува со недостаток на училишен простор за реализирање на наставата. Целта е да се намали реонот кој би опфатил деца на територија на оваа училишна установа. По конструктивната дебата, советниците ја изгласаа и оваа Предлог – Одлука.

 

Целосна поддршка од советниците доби и Предлог – Заклучокот за изменетата и дополнета Предлог – Програма за 2022/2023 година,  за работата на детската градинка „Орце Николов“ во населбата Карпош 3. Со истата динамика беше изгласана и Одлуката за предавање во употреба и започнување со работа на објектот „Први стапки“ кој ќе функционира во рамки на предучилишната установа „Орце Николов“.

 

Мнозинска поддршка од советниците доби  Предлог – Одлуката за пренесување во живо на седниците на Советот на Општина Карпош.