Во холот на ООУ „Лазо Трповски“ во средата попладне се одржа петтата последователна форумска сесија, како дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, чии партнери се Швајцарската влада, Министерството за локална самоуправа и УНДП. Водејќи се според дневната агенда, во рамки на работната средба беше направена евалуација на целокупниот форумски процес.

Потоа, стручните лица од Општина Карпош ја презентираа реализацијата на приоритетниот проект кој го избраа учесниците на форумот (сензорни соби во две детски градинки), при што беа споделени и информации за текот на реализацијата и за постигнатите резултати од проектот. Во таа насока, претставници од локалната самоуправа ги информираа присутните во врска со други проекти и препораки од форумот.

За потсетување, претходните форумски сесии се одржаа во период од 01.03.2023 до 05.05.2023 година. На сесиите беа повикани граѓани од општина Карпош кои беа поделени во осум групи, каде што дискутираа за проблемите во Карпош и предлагаа проекти за нивно решавање. Од вкупно осум предложени проекти се разработија пет проекти.

Најмногу гласови доби предлогот за изградба на две сензорни соби (во градинките „Мајски цвет“ и „Орце Николов“), по што следуваа предлозите за реконструкција на  спорската сала во ООУ „Лазо Трповски“,Карпош 3, за изградба на модерен училишен спортски центар во ООУ  „Петар Поп Арсов“, за поставување на соларни панели на малите буџетски корисници и за опремување на лаборатории  во кабинетите по Биологија во основните училишта низ Карпош.

Инаку, за целосно опремување на двете сензорни соби во градинките, УНДП додели грант средства во висина од 2.319.030 денари, додека пак Општина Карпош од својот буџет обезбеди финансиски средства во висина од 616.450 денари. Во интерес на своите сограѓани, Општината предвиде средства и за предлог – проектот за изградба на модерен училишен спортски центар во рамки на ООУ  „Петар Поп Арсов“, каде во процес на реализација е изградба на кошаркарско, фудбалско и одбојкарско училиште. Со средства на локалната самоуправа беа поставени и соларни панели, наменети за малите буџетски корисници.