Во организација на Општина Карпош  во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, вчеравечер се одржа Втората форумска сесија како дел од Проектниот  Форум во заедницата,  чии партнери и финансиски поддржувачи се Швајцарската влада, Министерството за локална самоуправа на РСМ и Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП. Имено, во холот на ООУ „Лазо Трповски“ во населбата Карпош 3, присутните граѓани  беа запознаени со дневниот ред и целите на Втората форумска сесија, по што беше направен и кус преглед на претходната сесија која се одржа пред две седмици, на почетокот на март.

 

Притоа, во работна атмосфера започна претставувањето на критериумите за проекти каде што граѓаните на Карпош преку PowerPoint презентација која ја подготвуваа две недели, ги изложија седумте различни концепти. Првиот концепт  опфаќа поставување на фотоволтаици во основните училишта во Карпош, со цел зголемување на енергетската ефикасност. Со истата динамика, работната група го претстави и вториот концепт кој подразбира уредување на дворовите на детските градинки со безбедни реквизити, адекватна спортска опрема за најмладите од таа возраст и набавка на нагледни  средства, играчки и дидактички материјали за потребите на дечињата од претшколските установи.

 

Реновирање на спортските терени во основното училиште „Петар Поп Арсов“ е третиот концепт кој го презентираше групата на граѓани, односно ученици од ова основно училиште. Четвтиот предлог – концепт нуди реновирање на подовите на училишните спортски сали, за што од работната група на терен увидоа дека приоритет е училишната сала во ООУ “Лазо Трповски”. Преку петтиот концепт беше презентиран предлогот за основање на дневен центар за лица со посебни потреби, кој во своите рамки ќе вклучува и образовен процес кој ќе биде прилагоден кон когнитивното ниво на оваа категорија на граѓани. Во таа насока беше претставен и шестиот концепт кој ја истакна потребата за изградба на сензорна соба во предучилишните установи на територија на општината. Преку мултимедијална презентација, карпошани го претставија и седмиот концепт кој подразбира подобрување на образовниот училишен процес по предметот биологија, преку опремување на наставните кабинети  (лаборатории) со современа опрема.

 

По деталните мултимедијални презентации, работните тела донесоа заклучок во кој се истакнува дека во следните три недели треба да се работи детално на развивање на проектите.