Денеска, во малата сала на СРЦ „Борис Трајковски“ се одиграа завршните финални мечеви од одбојкарското натпреварување во женска категорија меѓу основните училишта од Општина Карпош. Во одличен натпревар, со фантастична атмосфера и мотивирана игра за победа во финалето силите ги одмерија одбојкарките од ООУ „Владо Тасевски“ и ООУ „Јан Амос Коменски“. Екипата на основките од Тафталиџе 1 со резултат 25-19 го освои првиот сет, додека вториот сет им припадна на одбојкарките од минатогодишниот шампион ООУ „Владо Тасевски“.

Вториот сет заврши со 25-19 за шампионите од минатата одбојкарска сезона и следствено на тоа мораше да се одигра и третиот одлучувачки сет во салата исполнета со навивачи на двата одбојкарски тимови. После покажаниот квалитет и во одлучувачкиот трет сет одигран со шампионско темпо, победата ја однесоа основките од „Владо Тасевски “ откако го добија со резултат 15-7 и се промовираа себеси во ново-стар одбојкарски шампион. Пред финалниот меч, се одигра и малото финале меѓу одбојкарките од ООУ „Војдан Чернодрински“ и ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“. На одличен натпревар во фер – плеј игра подобри беа девојките од „Чернодрински“кои триумфираа над одбојкарската екипа на ХТК со 2-0 во сетови и го освоија третото место на натпреварувањата во одбојка меѓу основните училишта од Општина Карпош. По завршувањето на натпреварите, за талентираните и квалитетни одбојкарки на овогодинешното натпреварување, организирано од Општина Карпош, им беа доделени и индивидуалните признанија. Како најкорисен играч беше прогласена Матеа Василевска од „ Јан Амос Коменски “ додека за најталентирана одбојкарка е избрана Моника Велкова од ООУ „Војдан Чернодрински “. Најдобар играч во одбојкарските натпреварувања за сезоната 2023/24 беше прогласена Јана Илиевска од екипата на општинските шампионки за оваа година.