Оваа година, во духот на веќе востановената традиција, учениците од ООУ „Јан Амос Коменски“ го одбележаа Светскиот ден на планетата Земја.

Основците од единственото училиште на територија на Општина Карпош кое го има стекнато статусот „Зелено знаме“, го заживеаја својот двор со низа еко активности кои ги спроведоа во текот на денот.

Тие, воедно, го одбележаа и доаѓањето на пролетта, па така,  дел од учениците ги засадија пролетните и летните насади со цвеќиња и дрвца во  училишната средина. Најмалите ученици ја украсуваа оградата со шарени креди и насликаа цртежи се еко- тематика, а пак поголемите ги варосуваа дрвцата со цел да ги заштитат од несакани и штетни инсекти и болести. Директорката на ООУ „Јан Амос Коменски“, Емилија Арсовска по прошетката низ училишниот двор, задоволно проговори за постигнатиот резултат на училиштето на еколошки план.

                –Со оглед на тоа дека сме носители на т.н. „Зелено знаме“, највисок еколошки статус, беспрекорно се организираме кога се работи за еко акции. Активностите ги извршуваат учениците зависно од нивната возраст. Дел од нив работат на еколошката патрола која што функционира редовно во нашето училиште, односно забележуваат во што сме добри овој месец во заштитата на животната средина, а во што треба да се подобриме. Секоја година имаме разновидни активности и статусот „Зелено знаме“ ќе треба да го одбраниме со тоа што го работиме во текот на цела учебната година – истакна Арсовска.

                        Целта на оваа акција е да се подигне нивото на свест кај жителите, за зачувување на животната средина, односно да укаже на загадувањето на воздухот и водата, радиоактивното зрачење, исцрпувањето на ненадоместливите енергенси. Светскиот  ден на планетата Земја ја одбележуваат повеќе од 175 држави ширум светот.