Денеска, делегација на Општина Карпош, предводена од претседателот на Советот, Христо Саракинов, со положување свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот скопски партизански одред во населбата Карпош 3, одбележа 85 години од неговото формирање.

Пред спомен-обележјето почит оддадоа и претставници на Сојузот на борците на Македонија и Градскиот одбор на Сојузот на борците, здруженија и невладини организации, училишни делегации, претставници на политички партии и други почитувачи на борците за слобода од Народноослободителната борба.

Во своето обраќање, претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов, изрази благодарност за поканата и истакна дека денес, со положувањето цвеќе, се оддава почит на храбрите борци кои во тешки времиња го избрале патот на отпорот и борбата за слобода, достоинство и правда.

„Нивната храброст и жртва остануваат траен дел од нашата историја и обврска никогаш да не бидат заборавени. Нека нивниот пример нè потсетува дека слободата и мирот се вредности кои треба да ги чуваме и пренесуваме на идните генерации“, порача Саракинов.

Првиот скопски народноослободителен партизански одред, првата партизанска единица на Народноослободителната борба во Македонија, е формиран на 22 август 1941 година, во близина на скопскиот Градски парк. Одредот броел 42 борци од различна национална припадност, а 17 од нив ги загубиле животите во борбата за слобода.

Нивната храброст и жртва остануваат траен дел од историското паметење и темелите на македонската државност. По војната, тројца борци од одредот – Раде Јовчевски-Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски – биле прогласени за народни херои на Југославија.

Вечна слава и почит на борците од Првиот скопски партизански одред!