Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на Кузман Јосифоски – Питу кој се наоѓа во населбата Козле, делегација од Општина Карпош предводена од Секретарот Неделчо Крстевски денеска му оддаде почит на големиот народен херој, кој е еден од главните организатори  на антифашистичкото движење и на НОБ во Македонија. Пред бистата на револуционерниот деец се поклонија и бројни граѓани, членови на Сојузот на борците, претставници на политички партии, како и советници од Општина Карпош.

Токму на денешен ден во 1944 година Кузман Јосифоски загинува во престрелка со бугарски војник, при обид да го напушти Скопје. Поради својата неуморна народно – ослободителна дејност, многумина го нарекуваат „вториот Гоце Делчев“ на НОБ. Оттука, на 2. август 1945 година, Кузман Јосифоски – Питу е прогласен за Народен херој на Југославија, при што спаѓа меѓу првите борци од Македонија кои го добиле тоа високо одликување (заедно со Стив Наумов, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Христијан Тодоровски – Карпош).