Тричлена делегација од Општина Карпош денеска му оддаде почит на советскиот космонаут Јуриј Гагарин, положувајќи свежо цвеќе пред неговиот споменик кој се наоѓа во населбата Козле. Во рамки на одбележувањето присуствуваа и претставници од Амбасадата на Руската Федерација, на дипломатскиот кор на Народна Република Кина, Србија, Босна и Херцеговина, како и претставници на политички партии и група на граѓани.

Имено, на денешен ден пред 61 година, Гагарин со неговото летало „Восток–1“ полетува во вселената од космодромот Бајконур и правејќи круг околу Земјата, успешно слетува во регионот Саратов. Со летот кој траел 108 минути, советскиот великан влегува во светската историја како првиот човек кој полетал во вселената.  

На 7 април 2011 година, Генералното собрание на ОН го прогласи 12 април за Меѓународен ден на летање во вселената по повод 50-годишнината од првиот вселенски лет на Јуриј Гагарин, со кој почна истражувањето на вселената. Притоа, повеќе од 60 земји-членки на ОН станаа коавтори на оваа резолуција.