КАРПОШ СТАНА СЦЕНА – 20.000 КАРПОШАНИ ДЕЛ ОД „КАРПОШОВО КУЛТУРНО ЛЕТО 2026“
- септември 3, 2026
- 0
Десет дена Карпош живееше со музиката, уметноста, филмот, детската смеа и средбите меѓу соседите. Плоштади, маала, училишни дворови, платоа и јавни простори станаа сцени, а нашите сограѓани – публика, учесници и дел од приказната. Под мотото „Карпош станува сцена“, општината и оваа година ја постави културата поблиску до граѓаните, овозможувајќи содржините да се одвиваат во маалата и јавните простори, наместо публиката да мора да ги бара исклучиво во традиционалните културни институции.
Со околу 20.000 посети, Општина Карпош го заокружи 17-тото издание на „Карпошово културно лето 2026“ – десетдневна манифестација која од 20 до 30 август ја донесе културата поблиску до домовите на карпошани.

Од Горан Стефановски и ReART до Нокаут
„Карпошово културно лето 2026“ започна на 20 август во холот на Општина Карпош со изложба на плакати од театарските претстави на Горан Стефановски, со која беше одбележано значењето на неговото творештво за македонската култура.Истовремено, преку патувачката изложба ReART, реализирана во соработка со Фондацијата Берта Додевска, младите автори покажаа како електронскиот и друг отпад може да добие нова форма и вредност преку уметноста, отворајќи и тема за заштитата на животната средина и циркуларната уметност.
Вечерната програма се пресели на плоштадот „Делфина“, каде што настапија диџеј-програмата, Александар Тарабунов – Тара и групата Нокаут, со концерт пред бројна публика.Вториот фестивалски ден беше посветен на повеќе генерации и различни форми на културно творештво. Детскиот ликовен центар ја претстави меѓународната изложба „Ликовни визии на имагинацијата“, а беше промовирана и книгата „Зоја“ од Јоана Шишкова.На „Делфина“ настапи детскиот фестивал „Поточиња“, по што следуваше настапот на хорот на Здружението на пензионери Карпош, под диригентската палка на Благица Душкова. Вечерната програма продолжи со Tumbao Salsa Band со Сашо Гигов – Гиш и проектот „Gypsy Night“.

Филм под отворено небо и уметност во јавниот простор
Посебно место во програмата имаше филмската програма, која се одржуваше во дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“.Во текот на фестивалот беа прикажани македонските филмови „Приказна за Силјан“, „Јон Вардар против Галаксија“, „Мирно лето“, „Медена земја“, „Te Dua жими мене“, „Исцелител“ и „Балкан Кан“.Со проекциите под отворено небо, македонската кинематографија доби можност да стигне до карпошани во непосредното маало, во поинаков амбиент од класичната киносала.

Во Карпош 3, пак, урбаниот простор доби нов визуелен белег преку активноста „Мурал во Карпош“, додека во рамките на „Нашето маало – #СоздавамеЗаедно“, најмладите жители на нашата општина имаа можност активно да учествуваат во создавањето и осмислувањето на просторот во кој живеат.Програмата во Карпош 3 продолжи со настапот на Жабата, со што истиот простор во текот на денот и вечерта понуди содржини за различни генерации и интереси.
Млечен – сцена за сите генерации
Од 24 август, централниот дел од програмата се пресели на платото на Млечен, каде што во следните денови беа реализирани повеќе културни и музички содржини.Фолклорот и традицијата беа претставени преку настапите на КУД „Мирче Ацев“, во рамките на меѓународниот фолклорен фестивал. Публиката имаше можност да ужива и во настапот на Дац и Александар, со специјалните гостинки Маријана и Росана, како и промоцијата на заедничката песна „Засекогаш млади“.
На Млечен пристигна и патувачката изложба ReART, додека музичката програма продолжи со Balkan Jam.
Во просториите на Општина Карпош настапи квартетот „Полихимниа“, со што програмата понуди и поинаков вид музичко искуство, а фолклорната програма повторно беше застапена со КУД „Мирче Ацев“.
Еден од концертните акценти на манифестацијата беше настапот на Игор Џамбазов и Гуру Харе со бендот, кој предизвика голем интерес кај публиката на Млечен.
На 27 август, програмата продолжи со настапот на женскиот хор „ФРИДА“, предводен од Сузана Турунџиева, со проектот „Песната е лек“. Во ликовниот дел од програмата беше претставена изложбата „Карпош помеѓу боите и генерациите“, со дела на млади автори од „Галика Премиум Арт“.
Последната програмска вечер на Млечен заврши со настапот на Day Off.
Во само неколку фестивалски денови, платото на Млечен беше домаќин на фолклор, евергрини, хорско пеење, ликовна уметност и современа музика, обединувајќи публика од различни генерации.
Бардовци – спорт, фолклор и македонска песна
Последниот фестивалски викенд „Карпошово културно лето“ се пресели во Бардовци.
На 29 август, програмата започна со младински турнир на фудбалскиот терен на ФК Лепенец, кој покрај спортскиот натпревар понуди можност за дружење, тимска работа и поддршка од родителите и публиката.
Во продолжение на програмата настапи КУД „Етнос“, со што фолклорот и традицијата добија свое место во фестивалската програма.
Вечерната програма во Бардовци продолжи со македонска народна музика, со настапите на Душко Георгиевски, Зуица Лазова и Миле Кузмановски.
Завршница со уметност и музика
Последниот ден од „Карпошово културно лето 2026“, 30 август, започна во просториите на Општина Карпош, каде што под диригентската палка на Ерхан Шукри настапи мандолинскиот оркестар.
Во рамките на завршната програма повторно беа претставени делови од уметничката програма на фестивалот – ReART, плакатите од театарските претстави на Горан Стефановски, творештвото на Детскиот ликовен центар, дело од ликовната колонија „Нерешки мајстори“, како и дел од уметничките содржини создадени во текот на фестивалските денови.
Со тоа, фестивалот симболично го затвори кругот започнат десет дена претходно – со уметност и музика.
20.000 посети – интерес за културните содржини
Програмските содржини на „Карпошово културно лето 2026“ годинава беа посетени од 20.000 карпошани.
Ова е уште една потврда дека кај жителите на Карпош постои интерес за културни, уметнички и забавни содржини што се одржуваат во јавниот простор и во непосредна близина на домовите на граѓаните.
Разновидноста на програмата овозможи во фестивалот да се вклучат деца, млади, возрасни и повозрасни карпошани, а содржините беа распределени низ повеќе населби и локации во општината.
Од детските активности и филмските проекции, преку изложбите и фолклорот, до концертите и спортските активности, „Карпошово културно лето“ понуди програма наменета за различни интереси и генерации.
Манифестацијата во текот на десетте дена привлече посетители и надвор од границите на општината, а концертите, културните содржини и атмосферата беа тема на интерес и низ Скопје.
Благодарност до учесниците и граѓаните
Општина Карпош упатува благодарност до сите уметници, музичари, автори, изведувачи, хорови, културно-уметнички друштва, млади творци, деца и останати учесници кои беа дел од програмата.
Благодарност и до соработниците, организациските, техничките и службите кои работеа на реализацијата на настаните, како и до водителките Викторија Петровска и Светлана Црнокрак.
Најголемата благодарност е до публиката – до сите карпошани кои ги посетија настаните, но и други посетители кои со своето присуство беа дел од 17-тото издание на „Карпошово културно лето“.
Со завршувањето на манифестацијата се изгасија рефлекторите, но останаа спомените, фотографиите, музиката и средбите создадени во текот на десетте фестивалски денови.
„Карпош станува сцена“ не беше само порака на овогодишното издание. Во текот на десетте дена, сцената навистина беше поставена низ различни маала и јавни простори, а најголемата сцена, како што покажаа и овогодишните настани, беше самиот Карпош – неговите маала, генерации и граѓани.
Обраќање на Градоначалникот, Сотир Лукровски
КАРПОШ, ОВА БЕШЕ НАШЕ ЛЕТО
Овој август летото навистина имаше адреса – Карпош.
Пред десет дена, тоа беше покана: да излеземе од дома, да се сретнеме, да слушнеме добра музика, да погледнеме филм под августовското небо, да им дадеме простор на уметноста, традицијата и детската фантазија.
Но, пред сè – да бидеме заедно.
Денес, со задоволство можам да кажам дека Карпош ја прифати таа покана.
20.000 посети на програмските содржини се бројка со која можеме да се гордееме. Но вредноста на ова културно лето не е само во бројките.
Таа е во детската насмевка пред сцената, во семејството што заедно помина една летна вечер, во младите што се собраа со пријателите, во песната што некому му разбуди спомен и во соседите што повторно се сретнаа во своето маало.
Зад секоја посета стои човек, момент и приказна.
И токму тоа е најголемиот успех на ова лето.
Сакавме Карпош да стане сцена.
И во овие десет дена сцената се пресели низ целата општина.
„Делфина“ собра илјадници луѓе кои пееја во еден глас, додека дворот на „Петар Поп Арсов“ се претвори во кино под отворено небо за македонскиот филм. Млечен ги спои фолклорот, евергринот, рокот, хорското пеење, ликовната уметност и современата музика, а во Бардовци спортот, традицијата и музиката ги собраа различните генерации на едно место.
Посебно место имаа и нашите најмлади карпошани. Тие не беа само публика – создаваа, замислуваа и ни покажаа како изгледа Карпош низ нивните очи.
Од плакатите на Горан Стефановски, преку младите автори и ReART, до детските цртежи, фолклорот, филмот, концертите и мандолинската музика, овие десет дена покажаа колку различни лица може да има културата.
И, уште поважно, колку е вредна кога има место за секого.
На истите места се сретнаа деца и повозрасни, музичари и публика, соседи и пријатели – луѓе кои можеби секојдневно минуваат едни покрај други, а ретко застануваат заедно.
Во време кога сè почесто комуницираме преку екрани, „Карпошовото културно лето“ нè потсети на нешто едноставно, но важно – на вредноста на живата средба.
Аплаузот што навистина го слушаш, песната што ја пееш со човекот до тебе, филмот што го гледаш со соседите од маалото и орото во кое секогаш има место за уште еден.
Тоа не е само програма. Тоа е заедница.
Секако, ова лето немаше да биде можно без луѓето кои беа на сцената.
Им благодарам на сите уметници, музичари, автори, изведувачи, хорови, културно-уметнички друштва, млади творци, деца и учесници кои го подарија својот талент.
Им благодарам на сите соработници, на медиумите кое беа постојано со нас и будно ги следеа сите случувања.
Им благодарам на службите, организациските и техничките екипи и на сите луѓе кои работеа зад сцената, често невидливи за публиката, но присутни во секој детал од фестивалот.
Но моето најголемо благодарам оди кај вас, карпошани.
Кај сите што дојдовте.
Кај оние што дојдовте еднаш.
И кај оние што се враќавте повторно.
Кај оние што пееја.
Кај оние што играа.
Кај оние што аплаудираа.
Кај родителите што ги донесоа своите деца.
Кај младите што открија нешто ново.
Кај повозрасните кои повторно слушнаа песна што им разбуди спомен.
Кај секој од вас што со своето присуство додаде уште малку живот во оваа приказна.
Сцената може да биде совршено поставена, светлата да се вклучат и музиката да започне.
Но без луѓето – нема магија.
На почетокот рековме:
„Овој август летото има адреса… Карпош.’’
Денес таа реченица веќе не е само слоган.
Таа е спомен на вечери во кои се пееше, играше, создаваше и дружеше. На маала што станаа сцени и на луѓе што им дадоа живот.
Адресата беше Карпош.
Заврши 17-тото „Карпошово културно лето“. Рефлекторите се изгаснаа, концертите завршија и сцените се расчистија.
Но вредноста на една манифестација не завршува со последната песна.
Останаа средбите, детските спомени, фотографиите, музиката, новите пријателства и емоциите.
А над сè остана чувството дека кога сме заедно, Карпош е поубаво место за живеење.
Ви благодарам што бевте дел од ова лето и што ја прифативте поканата.
Летото ќе помине.
Но она што го доживеавме заедно – останува.
До следното издание на Карпошово културно лето, продолжуваме силно, со работа и посветеност!
Со љубов за Карпош!
Вашиот градоначалник
Сотир Лукровски









