Целосно се обновува дрворедот долж улицата „Рузвелтова“ од страната на Општина Карпош, при што Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило засадуваат нови, висококвалитетни дрвја од видот костен, автентични на останатите од истиот дрворед.

На денешното засадување и зголемување на зеленилото, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се осврна на еко – акциите кои се спроведуваа во Општина Карпош во изминатиот период:

 

–       Општината се фокусираше на зголемување на зеленилото меѓу зградите (меѓублоковското зеленило), покрај сервисните улици кои се во надлежност на Општината, а заедно со Градот, во изминатиот период се обновија и дрворедите долж градските улицибул. „8 Септември“, бул. „Партизански одреди“ и ул. „Бледски договор“, рече Богоев.

Во претстојниот период, локалната самоуправа ќе продолжи и со самостојни акции за зголемување на зеленилото, а неодамна се отвори и новиот урбан сквер – парк во Карпош, на потегот меѓу Тафталиџе 2  и Нерези.

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиу се осврна и на главната определба на градските власти оваа есен, при што напомена дека ќе бидат засадени 3.500 висококвалитетни садници на повеќе локации низ градот, со цел да се надомести изгубеното зеленило уништено од доскорешната прекумерна урбанизација на повеќе локации низ Градот.