Нов урбан сквер и детски парк ќе добијат граѓаните на Општина Карпош, на границата меѓу урбаните заедници Нерези и Тафталиџе 2.

Денеска, во попладневните часови, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев заедно со стручните соработници и членови на Советот на Општина Карпош, го презентираше проектот на јавна презентација (отворена средба) пред засегнатите граѓани од овој дел на Карпош.

На овој начин дополнително ќе се оплемени просторот. Постоечкото зеленило ќе се зголеми со нови садници, а ќе биде поставена и урбана опрема, клупи, лед светилки, корпи за отпадоци и лулашки за најмладите.

 

–          На празните и слободни површини, меѓу зградите, нема да никнуваат нови згради кои ќе го “гушат” просторот, туку поставуваме ново зеленило. Слободните површини ги разеленуваме и ја задржуваме нивната автентичност – не ги уништуваме, рече Богоев.

 

Граѓаните имаа можност да го видат целосниот проект, преку претставените визуелизации од идејното решение, но и да се вклучат со свои забелешки и коментари.

Поздравена е идејата на локалната самоуправа да се фокусира на микро локации, меѓу зградите, каде што постоечкото зеленило било запуштено или неуредено.

Исто така, се разговараше и за безбедноста на овие нови урбани скверови и детски паркови.

Градоначалникот Богоев посочи дека ќе има постојан надзор над истите, со цел да се спречи уништување, но и да се зголеми безбедноста на посетителите.

Во завршниот дел од денешната средба се разменија мислења и за хигиената во Карпош и новата зелена офанзива во Општината.

Ангажирани се повеќе хигиеничари кои рамномерено се поделени низ сите урбани заедници.

Во изминатите десетина дена, комуналните служби на Општина Карпош засадија и нови, 113 висококвалитетни дрвја во урбаните заедници: Владо Тасевски (Млечен), Карпош 1, Карпош 2 и Тафталиџе 1.

Маалските средби на градоначалникот Богоев и другите претставници од локалната самоуправа ќе продолжат и во претстојниот период.