На  денешната седница на Советот на Општина Карпош, советниците од сите политички партии дадоа „виза“ за одлуката со која се воспоставува нов сообраќаен режим на улицата „Прашка“, која досега беше „тесно грло“ во населбата Тафталиџе 1. За таа цел, ќе биде поставена нова хоризонтална и вертикална сигнализација, која е донација на Меѓународното училиште „ НОВА“.

Во образложение на оваа одлука градоначалникот на Карпош Стефан Богоев нагласи дека вакви проекти за воспоставуивање на безбедни зони во сообраќајот, посебно пред влезовите на основните училишта, имаме добиено од Град Скопје и од МВР на градот, и за ООУ „Димо Хаџи Димов“, ООУ „Војдан Чернодрински“, ООУ „Јан Амос Коменски“ и ООУ „Братство“. Очекуваме тие проекти да почнат да се реализираат на почетокот на летото, со поставување на забавувачи на сообраќајот,, рече Богоев.

Инаку, Карпош ќе добие донација и за ново улично осветлување од фирмата „ЕЛТРА ДООЕЛ“-Скопје.

Старите и дотраени куќни водомери, во делот на Карпош, со одлука на Советот, ќе бидат заменети со  нови  пософистицирани, што претставува дел од инвестицискиот проект на Ј.П. „ Водовод и канализација“- Скопје. Исклучително значаен проект е „ Водоснабдување и одведување на отпадни води“ во  кои Општина Карпош, во соработка со Министерството за транспорт и врски, со меѓусебен договор ќе обезбедат грант,  согласно Договорот за финансирање „СЕПАРИС“ бр. 2008-0446, помеѓу Република Македонија и Европската инвестициона банка.

На денешната седница, советниците од сите советнички групи, усвоија и дузина други одлуки, како што беа оние за отпис на застарена ИТ – опрема од проектот „Компјутер за секое дете“ во сите десет основни училишта на територија на Општина Карпош.

Исто така, на денешната 22 седница на Советот на Општина Карпош, помина и Извештајот за извршување на буџетот на Општина Карпош, за првиот квартал од оваа година.