Денеска, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, официјално во употреба го предадоа  паркот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ во населбата Козле.

Како што истакна првиот човек на Општина Карпош, овој парк освен жителите на урбаната заедница Пецо Божиновски- Кочо, го користат и граѓаните од урбаните заедници Кузман Јосифовски- Питу, Тафталиџе 1 и 2, како и од сите останати населби и урбани заедници кои се наоѓаат на територијата на  локалната самоуправа.

 

–          Посебно задоволство ми претставува што најмалите карпошани особено му се израдуваа на ова современо урбано катче, и што заедно со своите родители уживаат во вечерните летни часови,  користејќи ги реквизитите од детското игралиште. Токму за нив, Општина Карпош ќе набави т.н лимузини на батерии, за истите да бидат користени од нашите најмали жители, кои ќе ги возат  бесплатно, истакна општинскиот татко Стевчо Јакимовски.

 

Градоначалникот Јакимовски, нагласи дека овој парк е со вкупна површина од 10.000 квадратни метри, од кои на 6.000 квадратни метри е извршено хортикултурно  уредување , финансиски покриено од Градот Скопје. Останатиот дел од 4. 000 метри квадратни партерно уредување и поплочување на просторот со 200 метарска фонтана , како и детско игралиште со еко- реквизити е инвестиција обезбедена од буџетот на Општината. Јакимовски истакна дека во моментот се  гради паркот паркот на ул. Букурешка, додека тој на ул. Варшавска е скоро изграден. Постојано во секое урбано катче на Општина Карпош  градиме мини скверови и паркчиња, кои жителите на тие населби и урбани заедници, особено во овие летни денови, ќе може да ги користат за дружење и летно уживање.

 

–          Вредноста на овој парк е 38.5 милиони денари, а изведувач на паркот е фирмата Лутарика од Скопје. Практично со завршувањето на овој парк, по изградбата на парковите Македонија 1 и Македонија 2, и реконструкцијата на фасадите на зградите по должината на бул. Теодосиј Гологанов, граѓаните на овој дел од Карпош добија модерна урбана целина за живеење, токму,  каква што  заслужуваат, потенцираше Јакимовски.

 

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски прво му честиташе на својот колега Јакимовски и на општинската администрација за изградбата на овој парк, и напомена дека Градот Скопје постојано вложува во изградба на паркови заедно со општините кои се наоѓаат на територија на Градот Скопје.

 

–          Овој парк претставува продолжение на претходните два-  Македонија 1 и Македонија 2, кои денеска претставуваат едни од најубавите паркови со зеленило, и цветни аранжмани во цело Скопје. Пред се,  задоволен сум што со градоначалникот на Општина Карпош  имаме одлична соработка за проекти од заедничко значење, се со цел на  граѓаните кои живеат во овој дел од градот Скопје да им се исполнат нашите проекти, кои како ветување сме им ги дале, категоричен беше Трајановски.

 

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, им посака одлично дружење и уживање на Карпошани токму во овој нов парк, со напомена дека истите треба за паркот да се грижат и да го заштитуваат, бидејќи тој е изграден токму со средства на граѓаните, односно со средства обезбедени од буџетот на локалната самоуправа.