Петчлената комисија од локалната самоуправа ја разгледа доставената документација, во врска со јавниот повик кој го објави Општина Карпош за доделување на финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни покриви кај куќите. Во таа насока, комисијата достави извештај за својата работа до градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за периодот од 28.04.2022 до 20.06.2022 година.

Од досегашната работа, заклучно со ден 20.06.2022 година, комисијата информира дека во однос на процесот за доделување на субвенции за поправка и санација на покривите на зградите, вкупно се пријавиле два субјекти, од кои еден доставил комплетна документација, додека пак еден има доставено пријави со целосно исполнети услови.

Што се однесува до јавниот повик за замена на азбестни покриви на индивидуални станбени објекти (куќи), комисијата информира дека вкупно се пријавиле 12 апликанти од кои што четворица приложиле комплетна документација. Петорица од вкупно пријавените се во постапка на разгледување, додека пак тројца доставиле пријави со кои целосно ги исполнуваат условите.

                Инаку, Општина Карпош од својот буџет обезбеди 3.000.000 денари за субвенционирање на поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и за замена на азбестни покриви на куќите. Притоа, локалната самоуправа за колективните станбени објекти ќе обезбеди финансиска поддршка во висина до 30%, но не повеќе од 200.000 денари од вкупниот износ на вредноста за поправка и/или санација на кровниот покривач.

За индивидуалните станбени објекти (куќите), Општината ќе субвенционира до 30%, но не повеќе од 75.000 денари, од вкупниот износ на вредноста за замена на азбестно – кровниот покривач.