По повод роденденот на Општината 3-Ноември, денес, граѓаните од Нерези и Тафталиџе 2 од Карпош добија уште едно еколошко катче, детски парк и урбан сквер. Новиот парк свечено го отвори градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев заедно со заменик  министерот за  животна средина Јани Макрадули и со заменик министерот за култура Владо Лазовски, како и  со претседателот на Советот на Општина карпош Андреј Манолев и советниците од Карпош.

Во оваа пригода Богоев нагласи дека овој пат роденденот на локалната самоуправа се одбележува без големи прослави во скапи ресторани и носење странски пејачи, туку во урбан, граѓански дух.

-Решивме овој пат, нагласи тој, да направиме нешто што доликува, нешто од полза за граѓаните, кои всушност ја прават Општина Карпош да биде она што е. Пуштаме во употреба еден прекрасен, нов детски парк којшто ќе може да го користат најмладите и од Нерези и од Тафталиџе 2, но и од цел Карпош. Се разбира, тој е наменет и за повозрасните, зашто има поставено повеќе катчиња за седење и за релаксирање.

– Она што го  зборував во кампањата, сакаме сега и да го реализираме, потенцираше Богоев, а тоа е заштита и корисистење на постојното зеленило и секако  надградување и подигнување на нови зелени површини. Тоа е она што ќе ни помогне да имаме поквалитетен и поздрав живот и да имаме почиста животна средина и почист воздух за дишење.

На овој детски парк се  засадени  нови 15 дрва , нови растенија –лаванди, кои  треба сите заедни да ги зачуваме, посочи првиот човек на Општината, потенцирајќи дека поставените детски реквизити се од еколошки материјали, како и ново лед осветлување, односно штедливи светилки, со што целиот парк е во знакот на заштита на животната средина и користење на постојното зеленило.

Градоначалникот на Карпош ги наброја и сите активности кои Општината ги организираше во текот на тукушто изминатата недела по повод 42 години од постоењето, односно роденденот на  Општина Карпош.

-Организиравме хуманитарна и крводарителска акција, затоа што Карпош секогаш бил хуман и солидарен, покажавме дека концептот за зелен и чист Карпош нема алтернатива и засадивме 200 нови дрвја, со цел да се справиме со загадениот воздух се донираа прочистувачи за воздух за градинката  „Орце Николов“ во Карпош 4. Ги вклучивме во прославата и основците преку организирање на мултимедијалниот настан „Јас имам талент“, како и преку натпреварите во рамки на спортските купови по повод Денот на Општината.Го прогласивме и заслужниот граѓанин, Марин Докузовски, нашиот истакнат спортски работник и поранешен тренер на македонската кошарска репрезентација.

Одбележувањето на роденденот на Општината беше проследен и со уметнички перформанс – цртање на урбан графит од  познатиот уметник DREADPEN како и со пригодна музика со DJ.

 На крајот од пригодната прослава на Денот на Карпош , градоначалникот им го честиташе роденденот на сите граѓани на Карпош, на сите генерации кои се дел од нашата Општина и кои придонеле или се уште придонесуваат за нејзин развој.