Во Тафталиџе, во близина на Пожарната станица во Карпош, Градот Скопје направи уште едно инклузивно детско игралиште. На гумирана подлога, поставени се повеќе видови реквизити, а дел од истите се прилагодени и за децата со попреченост.

Околниот простор е заштитен со ограда, а во околината се засадени и повеќе од 30 видови на растенија, со цел дополнително раззеленување на овој дел од Карпош.

Во изјава за медиумите, градоначалникот Стефан Богоев истакна дека општина Карпош продолжува со тековната реконструкција на сите детски игралишта по населбите.

  • Претходно, со поддршка од Градот направивме слични вакви инклузивни игралишта долж булеварот Илинден, како и на улицата Веселин Маслеша, во Карпош 2. Во овие моменти, општината работи на целосна реконструкција на игралиштето во Бардовци, откако претходно целосно ги обновивме детските зони во Тафталиџе 1 (на ул. Варшавска), спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, во Козле, Жданец, Карпош 4 и други населби, рече Богоев.

Тој истакна дека општината продолжува да вложува во хуманизација на јавниот простор и во креирање на зони кои овозможуваат повеќе спортување и рекреација  на граѓаните.

Градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов напомена дека е направено уште едно безбедно катче, каде што децата ќе можат да го поминуваат своето слободно време.

  • Градот Скопје продолжува да креира вакви урбани, модерни простори во сите скопски населби, затоа што истите се корисни за целата заедница рече Шилегов.

Локалната самоуправа ги повикува сите граѓани на совесно и одговорно користење на урбаната опрема.