Претседателот на Креативниот центар  Карпош, Зоран  Поповски, денеска во ООУ „Вера Циривири Трена“ ги презентираше инструментите и  наставните предмети  со  кои учениците од основните училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош ќе можат своето теоретско знаење да го применат во практика.

Како што истакна професорот Поповски  на оваа манифестација се презентираа сите материјали, сетови  и надгледни средства со кои учениците веќе од второто полугодие ќе можат да ги користат.

–                    Задоволен сум, што конечно „КЦ-Карпош“, почнува да функционира. Веќе се најавени  неколку работилници во Центарот за храна, за дизајн  и  екологија. Планираме целата оваа опрема летоска да ја однесеме во некое од детските одморалишта каде што ќе ја организираме првата научна школа на детскиот подмладок на Креативниот центар Карпош, а наесен  ќе организираме  саем  на ,,КЦ-Карпош“, на кој ќе поканиме ученици од други училишта, кои се надвор од територијата на локалната самоуправа.

Професорот  Зоран Поповски, истакна дека овие воннаставни активности ќе дадат практична  димензија на наставата, односно стекнатото теортетско знаење на предвидениот материјал кој учениците го совладуваат во своите училишни програми, ќе можат  преку материјалите и  инструментите  практично да го применат и на тој начин многу подобро да се запознаат со процесите кои се одвиваат. Поповски исто така напомена дека од второто полугодие, на часовите по хемија ќе се воведат задолжителни  хемиски  експерименти  и опити.