Поставени се нови подземни контејнери долж улицата „Никола Русински“, во Карпош 3. На овој потег години наназад се собираше поголемо количество на отпад,  имаше отворени контејнери и се ширеше лоша миризба.

 Новите контејнери се со поголем капацитет на собирање на отпад, при што еден нов контејнер заменува од три до пет стари контејнери. Овие контејнери се производство на финската компанија „Молок“ и се наменети единствено за домашен комунален отпад. Истите ќе бидат редовно празнети од комуналните служби на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, кои денеска го демонстрираа целиот процес на подигнување на контејнерите.

Во оваа пригода, градоначалниците Стефан Богоев и Петре Шилегов дадоа изјава за медиуми во која посочија повеќе детали:

 

  • Контејнерите се наменети само за отпад од домаќинствата кои живеат во овој дел од Карпош. Најстрого ќе бидат санкционирани сите угостителски објекти (кафулиња и ресторани), маркети, месари и други фирми кои во овие контејнери ќе се обидат даодложуваат отпад. Тие се должни да склучат договор со друштво за управување со отпад и на таков начин да се ослободат од својот отпад, рече Богоев.

 

Тој истакна дека на овој потег, веќе има и контејнери за селекција на стакло, пластика, хартија и е – отпад, во близина на маркетот „Тинекс“ и ги повика карпошани да  го селектираат пред фрлањето.

Градоначалникот Шилегов говореше за новиот систем на управување на отпад кој го започна градот. Полека но сигурно се менува сликата  со степенот на  хигиена долж сите улици. Новите контејнери овозможуваат поголема хигиена и чистота. Намерата на Градот е вакви подземни контејнери да постават во повеќе населби и општини во Скопје.

Општина Карпош ги повикува сите граѓани на правилно одложување на отпадот. Сите информации за одложување на домашен, кабаст и електронски отпад се достапни и на www.karpos.gov.mk (линк: https://bit.ly/3f93JpV ).