Проектот за Хумани патроли ќе овозможи зголемена грижа и нега за највозрасните, изнемоштени лица, домашни посети и пружање на медицинска поддршка, посочи градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, на предновогодишната дружба со здруженијата на пензионери од Карпош.

 

Локалната самоуправа, за овој проект аплицираше до Министерството за труд и социјална политика и во Новата година се очекува негова реализација.

 

Со највозрасните карпошани, градоначалникот и советниците разговараа за активностите од изминатиот период, но и за претстојните предизвици.

 

Пензионерите го поздравија фактот што салата „Партизан“ се вратила во владение на Карпош, затоа што кај нив овој објект буди убави сеќавања на моменти од младоста.

 

Градоначалникот Богоев на сите присутни им посака среќни празници и мирна година, исполнета со здравје, среќа и благосостојба.

Тој, исто така истакна дека Општината ќе продолжи да биде партнер на највозрасните, а најави и отворање на два нови пензионерски клубови.