Со два милиони денари од сопствениот ребалансиран буџет, Општина Карпош ќе учествува во замената и унапредувањето на севкупниот систем за собирање на комуналниот отпад, која ја спроведува Градот Скопје на цела територија. Зависно од цената на контејнерите, за своите потреби локалната самоуправа детерминираше десетина критични локации, каде што ќе бидат поставени новите контејнери.
Овој пат тие ќе бидат со поголем капацитет и запремнина и од материјал отпорен на оштетување, опремени со хидрауличен систем на отворање и затворање на капаците. Со тоа ќе се намали непријатната миризба, односно ќе се зголеми хигиената околу контејнерите кај рестораните, на пофреквентните места и густо населените локации во Карпош.
Оваа Одлука беше едногласно прифатена од советниците на Општина Карпош, на денешната 15-та седница на која доминираше темата за ребалансот на Буџетот во пресрет на новиот Закон за буџет, кој е во собраниска процедура и за чија имплементација е потребен, според градоначалникот Стефан Богоев, преоден период со мерки кои ќе им овозможат на општините да ги реализираат претходно преземените обврски во инфраструктурата во полза на граѓаните.
Советниците на Карпош денеска дадоа „виза” и за нови стипендии за 20 талентирани спортисти. Од нив 16 ќе бидат стипендирани од Општината со по 3.000 денари а четворица со по 2.000 денари. Исто така, 51 талентиран ученик од основните училишта од Карпош ќе добијат стипендии од по 2.500 и 2.000 денари, иако советничката од советничката група на СДСМ побара во иднина буџетот за младите таленти да се зголеми од 650.000 на 770.000 денари поради големиот број на апликанти. Инаку, ова е второ ребалансирање на „општинската каса“, со кое Буџетот на Карпош ќе се намали од 1,47 на 1,39 милијарди денари.