Со Одлука на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, новиот Клинички центар ќе се гради на територија на Општина Карпош, на локација меѓу Бардовци и Злокуќани.

На оваа одлука и претходеше темелна и стручна анализа, како и координирана работа меѓу урбанистите и архитектите од Општина Карпош, во соработка со Владата на Република Македонија, Министерството за здравство, Градот Скопје и Асоцијацијата на архитекти .

На денешната прес – конференција, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека Општината целосно ќе излезе во пресрет на Министерството и сите засегнати институции за непречено реализирање на Клиничкиот центар кој ќе претставува вистински медицински град, составен од комплекс на клиники, Медицински факултет и студентски кампус.

–                    Намената за оваа локација според Генералниот урбанистички план донесен во 2012 година  кој е со важност до 2022 година е здравство.

Ние сме подготвени целосно да одговориме на нашите обврски, согласно ингеренциите кои ги имаме и секако, штитејќи го интересот  на граѓаните, рече Богоев.Со ова конечно ќе се обезбеди планска урбанизација и на другиот дел од реката Вардар бидејќи Бардовци и Злокуќани беа инфраструктурно запоставени во изминатиот период.

Квазиурбанизацијата која му се случи на Карпош со право претставува најгорлив проблем за граѓаните, а дисперзирањето, пренесувањето на урбанизацијата во периферните делови на локалната самоуправа делумно ќе ја ослободи Општината од бетонот и градежниот хаос кој досега владееше. Исто така, во контекс на реализацијата на овој капитален проект е и планот за продолжување на улицата “Словенечка” и на улицата “Љубљанска” кон другата страна на Вардар, со што ќе се растовари сообраќајот на подрачјето околу ТЦ Сити Мол, кое сега претставува  “тесно грло”.   

 Во Општина Карпош, веќе работат поголем број на државни и приватни болници, поликлиники и ординации. Изградбата на новиот клинички центар ќе претставува дополнителен придонес  кон целосно подобрување на квалитетот на здравствените услуги, здрава конкуренција и можност за избор за лекување на самите граѓани, како и поголема понуда на здраствени услуги од страна на државата.