Општина Карпош обележува хоризонтална и вертикална сигнализација на новопробиената улица „Новопроектирана“ 3 во Тафталиџе 1. Се бележат пешачките премини, а се поставуваат и сообраќајни знаци, со цел поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Улицата е во должина од 142 метри и девет метри широчина и е меѓу пофреквентните сообраќајници во населбата.

Оваа сообраќајница ги поврзува ул. „Прашка“ и бул. „Митрополит Т. Гологанов“, а во нејзина должина се изведува и велосипедска патека.

Станува збор за потег кој беше најпогоден од агресивната и непланска урбанизација. Но, локалната самоуправа презема повеќе мерки за да се подигне пристапноста и да се унапреди инфраструктурата и во овој дел од Карпош.