Учениците од ООУ „Петар Поп Арсов“ ќе имаат можност, веќе од утре, да работат и да учат на нова модерна технологија. Во 12 училници поставени се ЛЦД проектори, смарт табли, мултимедијален центар, и тоа се за потребите на почетокот на новата учебна година.

Целта на поставениот компјутерски центар, кој содржи најсовремени компјутери и технологии, е олеснување на совладување на зададениот материјал и полесно спроведување на наставата и збогатување на образовната програма во училиштето. Првиот човек на локалната самоуправа, Стевчо Јакимовски, во изјава за медиумите, подетално образложи зошто овој компјутерски центар е важен за децата од прво па до деветто одделение.
-Средствата што ги добива училиштето „Петар Поп Арсов“ од издадената градинка под закуп „Пиколини“ која е една од најубавите градинки во државата, се применуваат во дел од вакви активности, важни за децата. Вкупната сума на годишно ниво, која училиштето ја добива од градинката е 1.700.000 денари и ги вложува овде повторно во училиштето. Достапен е нов компјутерски центар со најсовремени компјутери, за да нема дискрепанца на компјутерот на кој што работат учениците во училиштето и дома- рече Јакимовски и додаде дека во рамките на креативниот центар во ова училиште треба да се развие ботаничка градина, кадешто реконструирани се одредени делови за тоа да може побргу да функционира.
– Наша цел е ова училиште да се натпреварува со приватните училишта на територија на Општина Карпош. Да создадеме една квалитетна конкуренција за да не мора родителите децата да ги праќаат во приватни училишта, зошто ние ова училиште, а се надевам дека и други училишта кои се на територија на Општина Карпош, ќе ги направиме конкурентни во делот на техничката опременост, средтсвата, како и наставничкиот кадар. Како што напоменав, ќе продолжиме и наредната година да вложуваме во ова училиште, односно сите училници и ученици од прво до деветто одделение, да можат да следат настава по најсовремен електронски пат. На тој начин ќе им се олесни работата на наставниците коишто ќе користат програми и ќе можат да ги симнат од интернет, како и да им презентираат на учениците. Во исто време ова е поттик и до другите училишта, кадешто имаме слободен простор тој да се издава и да се користи, за да практично реализираме самоодржливи проекти, во кои ќе се вложува во наука, со цел нашите најмлади жители на Општината да се запознаваат со најсовремените технички помагала и да влезат во сферата на електроника – заврши Јакимовски.
Освен новата модернизација во училиштето, набавени се нови клупи и столчиња како и шкафчиња особено потребни за новите првачиња. Новата технологија ќе биде од големо значење за учениците. Директорката на ООУ „Петар Поп Арсов„, Лела Николоска задоволно проговори за новиот компјутерски центар.
-Ова е голема радост за учениците, ние сакаме да ги научиме да учат и да им е пријатен престојот. На тој начин, ние успеавме да им го олесниме пристапот на нивните разбирања, затоа што техниката им е се поблиска. Заедно со наставниците преку нови методи и начини на работа, ќе им се олесни начинот на совладување на материјалот – истакна Николовска.
Утрешниот ден е првиот ден од новата учебна година во која што учениците од ООУ „Петар Поп Арсов“ веднаш ќе имаат можност да ги користат новите компјутери, кои ќе им служат за продлабочување во науката и образованието.