Во завршна фаза е изведбата на фекална и водоводна мрежа на улицата „Варшавска“ во Тафталиџе 1, од кружниот тек на улицата „Париска“ кон улицата „Лондонска“. Со надградба на инфраструктурата се обезбедува приклучок на постоечките и новоизградените објекти на новата водоводна и фекална мрежа.

 

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ работат на враќање на теренот во првобитна состојба. Имено, средишниот дел од улицата е веќе асфалтиран (каде што се наоѓа фекалната канализација) и останува уште страничниот дел (водоводната мрежа). Овој дел наскоро треба да се асфалтира, откако сите домаќинства ќе се приклучат на водоводната мрежа.

 

Денеска, на теренски увид беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски.

 

  • Ова е потег којшто изминатите години беше најпогоден од агресивната и непланска урбанизација. Беа изградени повеќе објекти, кои придонесоа и за нови комунални проблеми. Како локална самоуправа правиме напор да се санира штетата и да обезбедиме колку што е можно подобро живеење и во овие населби, рече Богоев.

 

Тој потсети дека минатата година, Општина Карпош и ова јавно претпријатие го реконструираа и другиот дел од „Варшавска“ (од бул. „8 Септември“ до кружниот тек на „Париска“). Таму се асфалтираше коловозот, а беше поставена и нова водоводна и фекална мрежа.

 

Весковски се осврна на фактот дека со оваа инвестиција се обезбедува подобро водоснабдување и канализациона мрежа за вкупно 77 домаќинства.

Инвестицијата е во вредност од околу 20 милиони денари.

 

Локалната самоуправа им се заблагодарува на околните жители за трпението и разбирањето, со оглед на времетраењето на градежните активности.