Нема ништо скандалозно и сомнително во договорите за консултантски услуги за оценка на успешноста на реализацијата на програмските активности на Општина Карпош склучени со агенцијата „Рејтинг“.

Имено, локалната самоуправа распиша јавна набавка, која може целосно да се следи преку Електронскиот систем за јавни набавки, а на истата да учествуваат сите заинтересирани страни.

Секоја сериозна институција, организација има потреба од теренски истражувања на јавното мислење. Општина Карпош ја има потребата од спроведување на вакви анкети за да се обезбеди и рационализација на средства и насочување на буџетските пари кон решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Затоа овие анкети се спроведуваат пред носењето на Буџетот. Резултатите од анкетите, најголемите проблеми и потреби на карпошани се интегрираат во буџетските програми на секторите на Општината, со што се зголемува и граѓанското учество во креирање на локалниот буџет.

Теренските истражувања се релевантни и оправдани кога се спроведени од агенции, организации кои се занимаваат континуирано со таа проблематика. Оттука, Општина Карпош не може самостојно да спроведе таков тип на теренска анкета и токму затоа распишува јавна набавка за избор на оператор (агенција) која на професионален начин ќе го спроведе анкетниот процес.

Исто така, Општина Карпош работи според ISO стандард, кој подразбира континуирано мапирање на вистинските потреби на граѓаните и мерење на задоволството на испитаниците од спроведените проекти по различни области.

Ја повикуваме политичката партија Левица слободно да поведе постапка пред надлежните органи, ако се сомневаат во некое незаконско делување.

Во изминативе три години, Карпош и градоначалникот Стефан Богоев се пример за законско и домаќинско работење.

Завршено е времето на расипничко трошење на буџетските пари.