Принцезички, невести, Спајдермен и Бетмен, каратисти и многу други креативни маски, продефилираа на денешната првоаприлска забава во градинката „Орце Николов“ во Карпош 3.

Насмеани и весели детски насмевки беше сликата која можеше да се забележи во дворот преполн со најмладите жители на Карпош. Со детски песнички и кореографии одиграни од децата беше одбележан Денот на шегата, 1-ви април, а топлото сонце ги милуваше среќните лица на најмладите кои уживаа во веселата прослава.

Директорката на градинката „Орце Николов“, Савка Ковачевска со задоволство напомена дека оваа  весела атмосфера ја надополнија и првачињата од ООУ „Лазо Трповски“ со нивната посета која секоја година традиционално го одбележуваат овој ден.

                -Со оглед на тоа дека оваа градинка ја има на три локации, Карпош 2, Карпош 3 и  Карпош 4,  ова е единствената градинка на територијата на локалната самоуправа која на ваков шеговит и шарен ден ги кани првачињата од најблиските училишта до градинките,  да ја збогатат и разубават атмосферата на нивните помали другарчиња – заврши Ковачевска.