Денеска, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски, ги примија основците-спортисти од  ООУ ,, Димо Хаџи Димов’’ во својот кабинет. Континуираното вложување во спортот на Општина Карпош, вродува со плод, па така и овој пат не изостанаа добрите спортски резултати.

Ракометарките од ова основно училиште на државниот натпревар одржан во Демир Хисар, го освоија второто место, со што и донесоа значаен спортски успех на локалната самоуправа. Учениците од „Димо Хаџи Димов“, кои пак се прваци во кошарка на општинските спортски лиги, на натпреварувањето на ниво на Град Скопје, го освоија исто така второто место во еден неизвесен, и докрај возбудлив финален натпревар. Тренерот на ракометарките од ова училиште истакна дека, Општина Карпош е препознатлива веќе и на државно ниво, како општина која  се истакнува пред останатите во вложување во спортот. Првиот човек на локалната самоуправа Јакимовски, им го честиташе успехот на основците, и им порача дека само со работа, труд и со упорност може да се реализираат како професионални спортисти, и дека овој период од нивниот живот е клучен во кој тие треба да се стекнат со потребното образование и  да се надоградуваат во други области, со што би се изградиле како успешни личности.