Комбинираната настава во сите десет основни училишта на територија на Општина Карпош се одвива без поголеми потешкотии, како и на територија на цела држава. Ова денеска беше констатирано од министерката за образование и наука, Мила Царовска, на онлајн состанокот со сите градоначалници.

Важно е што не постои внатрешно ширење на вирусот по образовните установи. Училиштата на дневно ниво испраќаат извештаи до МОН, преку кој известуваат за новозаразени ученици или наставници и дека се постапува согласно протоколите за заштита.

Градоначалникот Стефан Богоев на онлајн состанокот го адресираше проблемот со кој се соочени спортските клубови, школи за странски јазици, културно – уметнички друштва, фитнес студија и други субјекти, кои во рамки на училиштата одржуваа вонучилишни активности.

Иако, Општина Карпош се обрати до МОН и до Комисијата за заразни болести, сепак, како резултат на големиот број на заболени лица, се уште не е возможно да се издава просторот во училишните спортски сали и училници за овој тип на активности.

На оваа онлајн средба стана збор и за реформските приоритети во образованието. Министерката информираше за претстојните меѓународни тестирања, како и за државната матура, која ќе се спроведе следната година.

Локалната самоуправа продолжува со поддршката на основните училишта во борбата со коронавирусот. Со ребалансот на Буџет се одвоија повеќе финансии за набавка на средства за дезинфекција и хигиена на училиштата, како и за нова ИТ опрема, за непречено да се одвива наставата на далечина.